Breaking News

Финален настан на Првата Национална Олимпијада за Вселената


Финалниот настан на Првата Национална Олимпијада за Вселената ќе се одржи денеска на Спортскиот аеродром Стенковец, крај Скопје.


Настанот, како што најавија организаторите, го прославува успехот на тимовите од четири регионални натпревари и пилот проект „Прва Национална Олимпијада за Вселената“, со учество на 300 учесници од 20 градови и населени места, вклучувајќи 60% девојки и 25% учесници од рурални области.


 На учесниците ќе им биде обезбедено повисоко ниво на едукација и инспирација во областа на STEAM вештините преку учество во Мисијата „АТМОСФЕРСКА ИЗВИДНИЦА“.

Во рамки на мисијата ќе имаат можност да изготват експеримент преку поврзување на сензори за мерење на влажност, температура, барометриски притисок, CO2, и загаденост на воздухот (TVOC) кои како „товар“ ќе ги прикачат на дрон, а по летањето добиените податоци од експериментот ќе ги анализираат и визуелизираат.


Исто така, дел од учесниците ќе работат и на осмислување и креирање на лого за мисијата, а сите ќе имаат и уникатна прилика да летаат со балон со топол воздух.

Учесниците ќе бидат водени низ сите активности од страна на експерти од индустријата.


Првата Национална Олимпијада за вселената е во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс со поддршка на Американската Амбасада во Скопје.

Целта на оваа пилот иницијатива е промоција на STEAM вештините и концептот на „граѓанин-научник“ заради зголемување на интересот за природните науки и техничките професии кај учениците од 8 и 9 одделение, како и од средно образование, пред да треба да го изберат нивниот следен степен на образование и воедно идна професија.


са/Фото: Њуменс Бизнис Акцелератор  .

Извор: МИА