Breaking News

Фидан: Турција строго ќе се придржува до Конвенцијата од Монтре


– Турција ќе продолжи строго да ја почитува Конвенцијата од Монтре, која го регулира превозот во теснецот на Црното Море, и нема да прави никакви отстапки по ова прашање, изјави шефот на турската дипломатија Хакан Фидан на денешната средба со романската колешка Луминица Одобеску во Букурешт.


Фидан истакна дека на средбата се разговарало за регионалните прашања, како што е безбедноста во Црното Море.


– Како што знаете, Конвенцијата од Монтре продолжува да ја гарантира безбедноста на оваа област. Ние продолжуваме строго да се придржуваме до Конвенцијата.

Како што кажав вчера на конференцијата во Софија, не може да стане збор за никаква ревизија, посочи Фидан.


Конвенцијата е потпишана на 20 јули 1936 година во швајцарскиот град Монтре, а стапи во сила во ноември истата година.

Врз основа на член 19 од документот, од почетокот на руската војна во Украина, Турција ги затвори Босфор и Дарданели за преминување на воени бродови на земјите вклучени во конфликтот за да спречи понатамошна ескалација на тензиите во Црно Море.


Со Конвенцијата од Монтре обезбеден е суверенитетот на Турција над Босфор и Дарданелите. Конвенцијата го регулира преминувањето на воените и цивилните бродови во време на мир и во време на војна.

 ми/фото: МИА архива .


Извор: МИА