Breaking News

„Фајнанс тинк“: Повеќе од една третина од компаниите искусиле пораст на трошоците за струја поради конфликтот во Украина


Поради влијанието на кризата предизвикана од конфликтот во Украина компаниите во Северна Македонија искусиле пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти, а повеќе од една третина од компаниите искусиле двојно до петкратно зголемување на трошокот за струја во периодот 2021 и 2022 година.


За околу третина од фирмите, зголемувањето на минималната плата било важен фактор во зголемувањето на трошоците за работната сила.


Ова се дел од резултатите на студијата  „Влијанието на кризата предизвикана од конфликтот во Украина врз фирмите во Северна Македонија: докази од микроанкета” изработена од „Фајнанс тинк““ која се потпира на анкета во која се обработени податоци од 112 фирми од различни профили и сектори, во текот на април и мај годинава.

– Резултатите покажаа дека компаниите искусиле пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти, иако кај малите компании и кај компаниите од секторот земјоделство овој пораст е значајно поголем, што ги прави поранливи на сегашната и идни кризи.


Во делот на трошоците за енергија, пак, повеќе од една третина од компаниите искусија двојно до петкратно зголемување на трошокот за струја помеѓу 2021 и 2022 година.

Од аспект на големината на фирмата, во овој сегмент големите компании беа најзасегнати, затоа што тие беа најизложени, односно купуваа струја на отворен пазар.


Додека од аспект на сектори, компаните од градежништвото беа најзасегнати (40 проценти од фирмите од овој сектор известија зголемување на овој трошок за повеќе од пет пати), се наведува во извештајот.

Трошоците за работна сила се зголемиле главно до 50 проценти во споредба со претходната година.


Товарот од зголемените трошоци за работна сила е малку поголем кај малите фирми, во споредба со поголемите фирми, како и кај извозниците.

За околу третина од фирмите, зголемувањето на минималната плата било важен фактор во зголемувањето на трошоците за работната сила.

Според студијата, компаниите примениле неколку стратегии за справување со кризата: ги намалиле оперативните трошоци, одложиле некои планирани инвестиции, а поретко застапен бил прекинот на производството (само кај некои фирми од земјоделството).

За да се справат со зголемените трошоци на суровините, доминантна стратегија на компаниите од сите големини била зголемување на цените на своите производи, додека големите фирми почесто преземале стратегија за намалување на другите трошоци.

И во однос на порастот на трошокот за електрична енергија, како стратегија кај компанииите доминантен бил преносот на шокот врз цените на сопствените производи.

Сепак, посочуваат од „Фајнанс тинк“, средните и големите фирми презеле и поструктурни чекори, односно се впуштиле во инвестиции во капацитети за сопствено производство на електрична енергија, како и реорганизирање на процесите за намалување на потрошувачката на енергија.

Ова најчесто било случај во индустријата, земјоделството и во нископлатежните услужни сектори.  За справување со енергетската криза, владините мерки се проценети на 760 милиони евра.

Од вкупно 33 мерки во двата пакета, 16 биле наменети за компании (или компании и домаќинства).

 -Клучните препораки од оваа анализа се однесуваат на зголемена поддршка на процесот на инвестирање во сопствено производство на електрична енергија кај фирмите, како и други енергетски-ефикасни инвестиции во машини, опрема, хали итн.

, преку механизмите на државна помош кои и сега се на располагање, меѓутоа и преку популаризација на постојните мерки и поддршка за нивно искористување, вклучително и консултантска помош, особено кај помалите фирми.

За да се заштитат големите фирми од изложеноста на цената на струјата на глобалниот пазар, неопходно е Владата и застапниците на фирмите да се договорат за модел кој ќе ги заштити од варијабилноста на глобалната цена, на пример преку гарантирана цена која фирмите би ја плаќале кога глобалната цена е повисока од неа, но и кога е пониска од неа, заклучуваат од „Фајнанс тинк“.

вг/бак/Фото: МИА архива .

Извор: МИА