Breaking News

Еврокомесарот Ленарчич во посета на Ерменија 


– Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич денеска ќе престојува во Ерменија со цел да ја процени ситуацијата по напливот на бегалци од Нагорно-Карабах во земјата и да разговара со претставниците на ерменските власти за понатамошна поддршка од ЕУ, пред се преку Механизмот за цивилна заштита.


 Посетата на Ленарчич на Ереван доаѓа по вчерашната најава на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека ЕУ ќе ја удвои својата хуманитарна помош за Ерменија со дополнителни 5,25 милиони евра, на претходно веќе одвоените 5,2 милиони евра.


 – Ја удвојуваме нашата хуманитарна поддршка за да им олесниме на 100. 000 раселени Ерменци од Карабах. Ние насочуваме поголема буџетска поддршка кон ерменската држава.

ЕУ останува целосно посветена на поддршка на преговорите со Азербејџан и олеснување на дијалогот, додаде Фон дер Лајен.  Според најавите, Еврокомисијата ќе додели и дополнителни 800.


000 евра итна помош преку програмата „ЕУ за Мир“ наменети за градење доверба и поддршка на медиуми кои известуваат избалансирано и ќе разговара со ерменските власти за итно обезбедување техничка помош за воздушна и нуклеарната безбедност.

 – Комисијата ќе мобилизира финансирање во рамките на годишните програми за Ерменија со цел да одвои 15 милиони евра, кои може да се искористат како буџетска поддршка за државата за решавање на социо-економските потреби и за купување храна и гориво, се додава во соопштението на ЕК.


 Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, преку Економскиот и инвестицискиот план, ЕК ќе работи на понатамошна помош за обнова на инфраструктурата, за социјална заштита и за изнаоѓање решенија за обезбедување одржлива енергија во Ерменија, а исто така ќе го поддржи учеството на земјата во регионални проекти, како оној за поставување електричен кабел во Црното Море, во кои се вклучени и Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија.

 Паралелно со најавената поддршка за Ереван, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вчера соопшти дека ги поканил претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан на средба во Брисел кон крајот од месецот посветена на нормализација на меѓусебните односи по азербејџанската воена операција во Нагорно-Карабах.


 Претходно беше најавено дека е можно Алиев и Пашинјан да се сретнат во Гренада на маргините на Самитот на Европската политичка заедница, но азербејџанскиот претседател не допатува на собирот.

 Најавата за Мишел дојде откако советникот Алиев, Хикмет Хаџијев на платформата X објави дека Азербејџан е подготвен за разговори со Ерменија со посредство на Европска Унија.

 – Азербејџан е подготвен наскоро да учествува на трипартитните состаноци меѓу ЕУ, Азербејџан и Ерменија во Брисел, наведе Хаџијев во објавата. сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА