ЕУ воведе дополнителни санкции за поткопување на стабилноста на Судан 


Советот за надворешни работи на Европската Унија на денешното заседание во Брисел донесе одлуки за проширување на листата на субјекти кои се предмет на рестриктивни мерки во врска со ситуацијата во Судан и ги одобри заклучоците за приоритетите на ЕУ во релевантните форуми за човекови права на ОН во 2024 година.


 Со првата одлука се воведуваат санкции кон шест компании одговорни за поддршка на активности со кои се поткопуваат стабилноста и политичката транзиција во Судан, имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата во земјата, каде се водат борби меѓу суданските Вооружени сили и паравоената формација Сили за брза поддршка (РСФ) и нивните сојузници.


 Санкциите се воведени кон компаниите „Дефенс индустриски систем“ и „СМТ Инженеринг“, кои се занимаваат со производство на оружје и возила и кон „Меѓународната компанија за инвестиции Задна“, кои ги поддржуваат суданските Вооружени сили, како и кон фирмите „Ал Џунаид“, „Трејдив Џенерал“ и „ГСК Адванс“, кои се занимаваат со набавка на оружје за потребите на РСФ.

 На санкционираните компании им се замрзнува имотот во ЕУ, а на поединци и субјекти од Унијата им се забранува директно или индиректно да им обезбедуваат или ставаат на располагање средства или економски ресурси.


 Одлуката на ЕУ за воспоставување на Рамка за санкции кон физички и правни лица поради поткопување на стабилноста и политичката транзиција во Судан е донесена 9 октомври 2023 година, а дополнително следниот месец Унијата изрази „силна осуда“ на континуираните борби меѓу суданските Вооружени сили и РСФ и нивните сојузнички паравоени формации и изрази жалење поради „драматичната ескалација на насилството и непоправливата штета по човечките животи во Дарфур и низ целата земја, како и кршењето на Меѓународното право за човекови права и Меѓународното хуманитарно право“.

 – ЕУ останува длабоко загрижена за хуманитарната ситуација во Судан и ја потврдува својата цврста поддршка и солидарност со суданскиот народ, се додава во одлуката на Советот.


 Дополнително, Советот ги одобри заклучоците за приоритетите на ЕУ на форумите на ОН за човекови права во 2024 година, во кои се потврдува посветеноста на Унијата за заштита на човековите права, мултилатерализмот и меѓународниот систем за кривична правда во сегашното меѓународно опкружување, кое се карактеризира со вооружени конфликти, авторитаризам, дезинформации и мерки против родовата еднаквост.

 – Во годината на Самитот на иднината, Советот ја потврдува посветеноста на ЕУ за ефективен мултилатерализам и зајакнување на системот за човекови права на Обединетите нации, вклучително и на Канцеларијата на високиот комесар за човекови права, повикувајќи ги сите држави да ги почитуваат и целосно да соработува со неа.


Советот ја нагласува подготвеноста на ЕУ да продолжи да ја следи состојбата со човековите права на глобално ниво и да ги осудува кршењата и злоупотребите на човековите права каде и да се појават и да преземе голем број иницијативи во меѓународните форуми.

ЕУ ќе поддржи независни истраги за кршење и злоупотреба на човековите права, со цел сторителите да бидат повикани на одговорност, се наведува во заклучоците.

 При тоа, ЕУ го реафирмира своето силно противење на смртната казна, тортурата и секое друго сурово, нехумано или понижувачко постапување или казнување, својата поддршка на функционирањето на демократските институции, на борбата против корупцијата, дискриминацијата и расизмот и на слободата на вероисповед, изразување и мислење, како и заложбата за промоција на родовата еднаквост.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА