Breaking News

ЕУ најави 60 милиони евра за промоција на инклузивни и рамноправни општества во Латинска Америка и Карибите


Во пресрет на Самитот на лидерите на ЕУ и Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (ЦЕЛАЦ), што ќе се одржи следната недела, Европската Унија најави нова програма вредна 60 милиони евра за намалување на нееднаквоста и промоција на инклузивни и рамноправни општества во латиноамериканските и карипските земји, наречена „Инклузивни општества“.


Најавувајќи ја програмата на Форумот „ЕУ – Латинска Америка и Карибите“ на кој учествуваат претставници на граѓанското општество, младинските организации и локалните власти, еврокомесарката за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен истакна дека фокусирањето на луѓето и човечкиот развој е клучно за просперитетот и суштинско за намалување на нееднаквостите што го попречуваат одржливиот развој.


– Партнерството меѓу ЕУ и Латинска Америка и Карибите е прво и основно е наменето за луѓето.

Со гордост ја објавувам оваа нова програма на ЕУ, која се стреми да ги подобри животите на нашите граѓани, нивната благосостојба и социјалната кохезија.


Програмата ќе обезбеди сеопфатна рамка за развој на иновативни социјални политики и споделување на најдобрите практики и ќе ја унапреди транзицијата кон поправедни, инклузивни и одржливи општества во Латинска Америка и Карибите, рече Урпилаинен.

Шпанскиот министер за надворешни работи, ЕУ и соработка, Хозе Мануел Албарес Буено, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, истакна дека цел на оваа програма е решавање на проблемите на, како што ја нараче, „тројната транзиција“.


 – Мораме да работиме на подобрување на животот на нашите општества со влијание врз три области – социјалната политика, дигиталната технологија и еколошкта заштита, реле Албарес Буено.

Главна цел на програмата „Инклузивни општества“ е да се намалат нееднаквоста, сиромаштијата и социјалната ексклузивност и да ја подобри социјалната кохезија во земјите од Латинска Америка и Карибите, преку поддршка на иницијативи за трансформација кон инклузивни, правични и еднакви општества.


Предвидено е со програмата да се промовираат образованието и стекнувањето вештини, родовите и социјалните политики, како социјалната заштита и инклузивност, со посебен акцент на жените, младите и најранливите категории граѓани.

За реализација на оваа програма се предвидени 60 милиони евра од буџетот на ЕУ, но Европската комисија и земјите членки планираат и дополнителна иницијатива, што ќе се надоврзе на „Инклузивни општества“ и ќе дејствува како платформа за комбинирање на напорите за зајакнување на социјалната кохезија и справување со нееднаквоста во Латинска Америка и Карибите.

На Самитот ЕУ-ЦЕЛАЦ, што треба да се одржи на 17 и 18 јули во Брисел, се очекува лидерите од Унијата и Латинска Америка и Карибите да се договорат за понатамошно продлабочување на партнерството и да го трасираат патот за соработка во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат двата региона.

сп/са/Фото: Твитер .

Извор: МИА