Breaking News

ЕУ изрази жалење поради потврдата на пресудите за обвинетите организатори на протестите во паркот Гези во Истанбул 


– Европската Унија изрази жалење поради одлуката на турскиот Касациски суд да ги потврди пресудите на петмина обвинети во случајот поврзан со протестите во истанбулскиот парк Гези во 2013 година, вклучително и доживотна затворска казна за бизнисменот и граѓански активист Осман Кавала.


 Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, ваквата пресуда дополнително ја зголемува загриженоста на Европската Унија во врска со почитувањето на меѓународните и европските стандарди од страна на правосудниот систем на Турција.


 – Како земја кандидат за членство во ЕУ и долгогодишна членка на Советот на Европа, се очекува Турција да ги почитува демократските стандарди и практики и основните права, на кои се базираат односите ЕУ-Турција, и да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права, се додава во реакцијата.

 Касацискиот суд на Турција, највисоката жалбена судска инстанца во земјата, во четвртокот ги потврди доживотната затворска казна за Кавала и 18-годишните казни затвор за уште четири лица, меѓу кои и Џан Аталај, кој во мај беше избран за пратеник во турското Собрание.


Тие се обвинети за организирање и финансирање на протестите во Турција во 2013 година, кои започнаа како протестен собир против плановите за уривање на паркот Гези во Истанбул, но прераснаа во масовни антивладини протести низ повеќе градови во земјата.

 По ова обвинение во април 2022 година, понизок Судот му изрече доживотна затворска казна без право на помилување на 65-годишниот Кавала, а уште седум други лица осуди на 18 години затвор, од кои на тројца Касацискиот суд во четвртокот им ги укина на пресудите.


сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА