ЕУ: Изборите во Азербејџан одржани во услови на непочитување на процедурите, недостиг на транспарентност и сериозни нерегуларности 


– Подготовките за претседателските избори во Азербејџан беа спроведени ефикасно, но целиот изборен процес го одбележаа задушување на критичките гласови и отсуството на политички алтернативи, се наведува во реакцијата на Европската служба за надворешни работи на изборите во средата на кои азербејџанскиот претседател Илхам Алиев обезбеди петти мандат освојувајќи 92,1 отсто од гласовите.


 – Изборниот ден беше севкупно мирен, но набљудувачите пријавија широко распространето непочитување на предвидените процедури, недостиг на транспарентност и бројни сериозни нерегуларности, се наведува во реакцијата на ЕУ врз основа на прелиминарните наоди и заклучоци на Набљудувачката мисија на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.


 Во соопштението се посочува дека според Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, изборите се одржале во рестриктивно политичко опкружување и според законодавство кое ги ограничува основните права и слободи, вклучително и слободата на собирање, изразување и на медиумите.

 – Европската унија ги повторува своите очекувања дека азербејџанските власти ќе ги прифатат и ќе ги спроведат препораките на ОБСЕ/ОДИХР во врска со овие и претходните избори.


ЕУ останува ангажирана во дијалог и соработка со Азербејџан, вклучително и за доброто владеење, човековите права и владеењето на правото за доброто на азербејџанскиот народ, се додава во соопштението.

 Централната изборна комисија на Азербејџан денеска соопшти дека пребројувањето на гласачките ливчиња е завршено и дека, според првичните резултати, Алиев освоил 92,1 проценти од гласовите.


 Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР вчера соопшти дека гласањето на изборите во Авганистан се карактеризирало со отсуство на вистински политички алтернативи во рестриктивно опкружување и дека има индикации за измами на начин што едно лице предавало повеќе пополнети гласачки ливчиња.

Според меѓународните набљудувачи, има и сериозни прашања во врска со пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите од изборите. сп/Фото: МИА Архива .


Извор: МИА