ЕУ: Да продолжиме да го инспирираме вклучувањето на жените во политиката 


Во оваа година на избори во многу земји во светот, ги охрабруваме сите жени, особено младите, каде и да се, да го искористат своето право на глас, да го бараат своето место во општеството и да се чувствуваат повикани да учествуваат во политичкиот живот, се наведува во заедничката изјава на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март.


 – Денес, процентот на жени во политиката се уште е далеку од тоа да ги претставува различностите на нашите општества.


Вкупниот процент на жени во парламентите во моментов во просек изнесува 33 отсто во земјите членки на ЕУ и 26,5 проценти на глобално ниво.

Мора да продолжиме да правиме повеќе за да го инспирираме и промовираме вклучувањето на жените во политиката, се наведува во изјавата.


 Во неа натаму се потсетува дека оваа 2024 година е година на избори ширум светот, при што над четири милијарди луѓе ќе можат да го дадат својот глас, вклучително и повеќе од 400 милиони граѓани на ЕУ кои ќе гласаат во јуни на изборите за Европскиот парламент.

 – На овој Меѓународен ден на жената, го препознаваме храбриот активизам на европските суфражетки, кои се бореа за правото на глас кога тоа беше привилегија на мажите, како и на секоја жена со сета нејзина различност која е вклучена во создавањето на поправедно и порамноправно општество, се додава во изјавата.


 ЕУ нагласува дека и денес во многу делови од светот жените се уште се спречени да учествуваат во јавниот живот, а некаде дури целосно се исклучени од процесите на одлучување и јавниот простор.

 – Во сите општества, жените и натаму се соочуваат со дискриминација и се изложени на зголемен ризик од насилство и онлајн и офлајн.


Ова е особено акутен проблем за политичарките, новинарките и активистките, особено за заштитничките на човековите права, се додава во изјавата.

 Мото на Меѓународниот ден на жената оваа година е „Инспирирај вклучување“, што произлегува темата на ОН за 2024 година: „Инвестирајте во жените: Забрзајте го напредокот“ и чија главна порака е дека од суштинско значење е да се обезбеди активна улога на жените во општеството, особено на позициите каде се носат одлуки.

 Во пресрет на овогодишното одбележување на 8 Март, во средата во Брисел во организација на потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност, Вера  Јоурова се одржа форум на високо ниво насловен „Жените во јавниот живот“, на кој една од главните говорнички беше и вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска.

 Учесниците на форумот во своите обраќања се фокусираа на предизвиците со кои се соочуваат жените во политиката, новинарството и граѓанското општество, а едно од покренатите прашања во дебатата беше зошто жените ги напуштат позициите во јавниот, при што беше упатен апел за поголем ангажман на медиумите, надлежните органи и политичките партии за ставање крај на овој тренд.

сп/ Фото: ОН Жени .

Извор: МИА