Breaking News

ЕП ќе разговара за намерата на Словачка да го затвори специјализираниот антикорупциски правосуден систем


Европратениците ќе разговараат за намерите на Словачка да го затвори специјализираниот антикорупциски правосуден систем на нивната последна седница оваа година, покажува агендата за идната недела на состанокот на Европскиот парламент во Стразбур.


Словачката влада вчера поднесе предлог-закон за ревизија на законот за казни во земјата, се вели во соопштението на ЕП.


Се додава дека законските измени имаат за цел затворање на словачкото специјализирано обвинителство. -Владата во Братислава има намера да ги намали казните за корупциски злосторства.

Инспекторите и полицајците задолжени да ја истражуваат корупцијата се соочуваат со последици од доаѓањето на власт на новата влада, како што се отпуштања, смена од функцијата или смена од овие истраги, наведува ЕП.


Се прецизира дека словачкиот премиер Роберт Фицо бара предлог-законот да се усвои итно, како и дека претседателката на Словачка, Зузана Чапутова изразила подготвеност да стави вето на измените.

Се верува дека затворањето на специјализираното обвинителство може да влијае на истрагата за убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова во Словачка во 2018 година, што потоа доведе до пад на премиерот Фицо.


Се очекува ЕП да гласа за резолуцијата за ова прашање во средината на јануари следната година.

Претходно денеска Европската комисија ги повика словачките власти да не брзаат со усвојувањето на законот и прво да се консултираат со Венецијанската комисија на Советот на Европа. мс/фото: ЕПА .


Извор: МИА