Breaking News

Елитни британски специјалци под истрага за можни воени злосторства во Сирија


Петмина припадници на специјалната единица на британската армија (САС) се под истрага за можни воени злосторства извршени во Сирија пред неколку години, јавува Би-Би-Си.


Засега нема уапсени, но истрага води Одделот за тешки криминали на Министерството за одбрана.


Голем број специјални сили на Обединетото Кралство беа распоредени во Сирија во последните 10 години во операциите против терористичката Исламска држава.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека сериозно ги сфаќа наводите за можни злосторства.


– Сите кривични пријави ќе бидат упатени во полиција за понатамошна истрага, изјави портпаролот на Министерството.

Истрагата наводно е фокусирана на инцидент што се случил пред две години кога еден од џихадистите бил убиен.


Повикувајќи се на извори на САС, Дејли Меил известува дека во близина наводно бил пронајден елек со бомби, но осомничениот не го носел кога бил убиен.

Весникот наведува дека војниците се обвинуваат од претпоставените дека употребиле прекумерна сила и наместо тоа требало да го уапсат човекот, додека војниците тврдат дека тој претставувал закана и дека имал намера да изврши самоубиствен напад.


Сепак, министерството тврди дека ова не е изолиран случај и дека има уште „застрашувачки“ сведоштва за воени злосторства.

Единиците на САС со години дејствуваат во Сирија, а до пред неколку години и во Авганистан.

Исто така, во тек е истрага за тоа дали специјалните сили на Обединетото Кралство убиле цивили и невооружени луѓе во ноќните напади во Авганистан помеѓу 2010 и 2013 година. ссм/ .

Извор: МИА