Breaking News

Еко-акција на Водно со заедницата за е-трговија


Над 100 учесници од заедницата за е-трговија и останати ентузијасти успешно ја спроведоа еко-акцијата во која се собираше отпадот од пешачките патеки на планината Водно.


Еко-акцијата, која беше во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, имаше за цел да го поттикне единството во секторот за е-трговија и паралелно да влијае на зачувување на природните убавини на Водно и на колективното зголемување на еколошката свест.


Учесниците во еко-акцијата беа поделени во две групи за да се опфати што е можно поголем број локации на планината.

Активностите за чистење ги опфатија следните локации – потегот од Средно Водно, паркинзите на Средно Водно, асфалтниот пат, Бабина патека од Средно Водно до врвот, Новогодишната патека од Средно Водно до врвот и пределот околу крстот на врвот на Водно.


Учесниците во акцијата беа водени од страна на лиценцирани водичи од планинарскиот спортски клуб H2O, каде што го искачуваа Водно и собираа отпадоци по патеките.

Лиценцираните водичи обезбедија суштинско водство и поддршка во текот на целиот настан, грижејќи се за безбедноста и зголемувајќи ја ефикасноста на учесниците.


Во периодот на искачување во времетрање од околу 2 часа беа собрани вкупно 15 вреќи со смет од падините на Водно.

По завршувањето на собирањето на сметот, следеше дружење во планинарски дом Даре Џамбаз со DЈ Foodieman, а беа обезбедени пијалаци од Скопска Пивара, бургери од Jojo’s BBQ и здрави благи од Healthyish за сите учесници.


– Како Асоцијација за е-трговија на Македонија често организираме едукативни и други настани за вмрежување на членовите, кои се дел од нашата годишна програма.

Темите секогаш произлегуваат од потребите на членките и предизвиците со кои се соочуваат, а на настаните членките имаат прилика и да разменат искуства, да остварат соработки и да градат релации кои ќе им придонесат за развој на бизнисот.

Овој пат решивме да направиме поинаков настан, односно еко-акција со која покрај спорт, дружење и нетворкинг со е-комерц заедницата ќе придонесеме и за заедницата во која што сите функционираме.

Сите мора да тргнеме од себе и да веруваме дека со мали чекори заедно можеме да ги менуваме и подобруваме работите, изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Еко-акцијата е реализирана со поддршката и соработката на партнерите – Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) и Пивара Скопје.

Еко-акцијата на Водно, која послужи како инспиративен пример за колективно дејствување и еколошка одговорност, беше спроведена по прв пат.

Покрај расчистувањето на планината, еко-акцијата имаше за цел и да ја подигне јавната свест за зачувување на животната средина, посочуваат од АЕТМ. са/ .

Извор: МИА