Едукативен настан за трансплантација и органодарителство во Велес


Едукативен настан, дизајниран за подобрување на знаењата од областа на трансплантација и органодарителство, ќе се одржи денеска во Велес.


Како што појаснуваат организаторите на настанот, станува збор за работилница, дел од проектот за подобрување на капацитетите на Националниот систем за трансплантација што се реализира од страна на Министерството за здравство и Делегацијата на ЕУ во Скопје.


– Во рамки на проектот што опфаќа неколку компоненти како едукација, усогласување на легислативата, социјална интеграција на лица со трансплантирани органи, е и кампањата за подигнување на свеста за органодарителството во земјава.

Дел од неа е и овој настан што има за цел да ги информира новинарите за организацијата на целокупниот систем за трансплантација во земјава, за законските, професионалните и етички дилеми со што се соочуваме и за медиумскиот импакт, што преку нивната работа, трансплантацијата го има во јавноста, се наведува во соопштението.


Настанот, како што се додава, има за цел да придонесе кон создавањето погодна атмосфера за заедничко учење и разменување идеи за тоа „како заедно да ја подигнеме свесноста за органодарителството, имајќи ги притоа пред нас законските медицинските и етичките аспекти на трансплантацијата во Република Северна Македонија“.

Интерактивните сесии, како што е најавено, ќе бидат водени од претставници на Министерството за здравство, од националниот координатор за трансплантација и заменик националниот координатор за трансплантација, раководителот на Програмата за трансплантација, како и од ПР службата на Министерството за здравство.


бд/са/Фото: Министерство за здравство .

Извор: МИА