Breaking News

Едштадлер: ЕУ да ги одржи вторите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија на почетокот на 2024 година


– Ако ЕУ сака да ја покаже својата солидарност со земјите од Западен Балкан ќе мора на дело да преземе пет конкретни чекори, вклучително и одржување на вторите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија на почетокот на 2024 година, наведе австриската министерка за ЕУ и Устав, Каролина Едштадлер.


 Останатите чекори, според австриската министерка, што треба да ги направи ЕУ за да „го преземе водството на Западниот Балкан“, вклучуваат поставување конкретни целни датуми за зачленување на секоја од шесте земји од регионот, по изборот на новиот состав на Европската комисија следната есен.


 – Ниту еден од овие чекори нема да ги поштеди овие земји од исполнување на сите критериуми за пристапување пред идното членство во ЕУ.

Меѓутоа, во оваа фаза, време е ЕУ да преземе водство и да обезбеди вистински доказ дека продолжува да биде сериозни во однос на европската перспективата на регионот, оценува Едштадлер.


 Во објавата на платформата Икс, таа наведува и дека ЕУ мора да ги започне пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на годинава, како и да оствари конкретен напредок во преговорите со Црна Гора пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент.

 Во однос на Србија и Косово, како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа предлага остварување напредок во пристапните преговори со Белград, како и разгледување на апликацијата за членство на Приштина.


Едштадлер посочува дека е во однос на Белград и Приштина важно е да се работи на идна нормализација на нивните односи, а ако ЕУ сака да го задржи водството сите нејзини членки ќе мора да ја признаат независноста на Косово.

  Според неа, додека се разговара за иднината на ЕУ, не треба да има одлагање на пристапниот процес за земјите од Западниот Балкан. сп/ац/Фото: МИА Архива .


Извор: МИА