Breaking News

Едномесечен притвор за осомничените за малверзации со државните резерви на Косово


– Притвор од по 30 дена им одреди денеска Основниот суд во Приштина на тројцата осомничени за злоупотреби при набавка на државни резерви, кои беа уапсени по вчерашната полициска акција во Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПД) и во еден стан и еден деловен објект, јави дописникот на МИА од Приштина.


Осомничени во аферата со набавките за државните резерви се директорот на Управата за стокови државни резерви, Хафиз Гара и директорот на Одделот за европски интеграции и координација на политиките при Министерството за индустрија, Ирфан Липовица, како и бизнисменот Ридван Мухареми, за кого дел од медиумите наведуваат дека е близок до премиерот Албин Курти и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими.


Информацијата за изрекувањето едномесечен притвор на осомничените за медиумите ја потврдија бранителите на двајцата функционери во МИПД и на бизнисменот.

Специјалното обвинителство на Република Косово вчера соопшти дека тие се сомничат за кривичните дела „Злоупотреба на службената должност“ и „Пружање помош во извршувањето на кривичното дело Злоупотреба на службената должност“.


При претресите во кацелариите на МИПТ и во станот и локалот на Мухареми, конфискувани се компјутери и документи кои ќе се користат во натамошната процедура.

Вчерашната полициска акција е изведена откако на крајот на минатиот месец порталот „Национале“ објави аудио-снимки од телефонските разговори во кои сега приведените фуннкционери на МИПТ велат дека масло за јадење и пшеница од Полска, кои веќе биле платени, не се доставени во државните резерви.


Во објавените разговори се инволвира и ресорната министерка, Розета Хајдари, која по објавувањето во „Национале“ соопшти дека поднела кривична пријава за клевета против сопственикот на порталот, новинарот Берат Бужаља.

Во синоќешното видео-обраќање по повод аферата со државните резерви, откриена по објавувањето на прислушувани разговори меѓу сега уапсените функционери на МИПД, премиерот Албин Курти застана во одбрана на министерката Хајдари, нагласувајќи дека ѝ верува безрезервно.


Курти рече дека во неговата влада нема злоупотреби и корупција, туку, како што нагласи, „корумпирани се старите политчки елити“, како и судовите, обвинителствата и медиумите кои го штитат криминалот.

иа/ .

Извор: МИА