Breaking News

Дводневна АмЧам конференција „Градење на сајбер-отпорни организации“


„Градење на сајбер-отпорни организации“ е темата на конференцијата што ќе биде одржана денеска и утре во Скопје во организација на Комитетот за дигитални трансформации при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам).


Дводневниот настан има за цел да укаже на потребата од забрзано усвојување на дигиталните иновации во сферата на сајбер безбедноста во Северна Македонија – како за бизнисите, така и за јавниот сектор.


Таквиот процес е полн со предизвици и ризици, па поради тоа е неопходна размената на идеи и искуства кои ќе помогнат во надминувањето на предизвиците и обезбедувањето на успешна и одржлива дигитална трансформација на македонскиот јавен и приватен сектор, соопшти АмЧам.

На првиот панел на конференцијата насловен „Стратегија за дигитализација и сајбер безбедност на Северна Македонија“, ќе учествуваат вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска, министерот за информатичко општество Азир Алиу и директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику.


На првиот ден од конференцијата ќе говори и Емили Хардинг, виш соработник и заменик директор на Програмата за меѓународна безбедност на CSIS, од Вашингтон, САД, која ќе понуди уникатен увид и знаење за „Градењето на сајбер отпорност во дигитален свет“.

До крајот на денот ќе се одржат уште три панел дискусии кои подетално ќе се осврнат врз различни аспекти од развојот на сајбер безбедноста, нејзините клучни компоненти, едукацијата и буџетирањето.


На вториот ден ќе се дебатира за политиките поврзани со сајбер безбедноста и за понатамошниот развој на дигиталната безбедност. са/вг/Фото: АмЧам .

Извор: МИА