Breaking News

Двајца од осомничените за нападот во Москва се приведени, изјави руски пратеник


Двајца од осомничените одговорни за синоќешниот смртоносен напад на периферијата на Москва се приведени во областа Брјанск по бркотница со автомобил, напиша денеска на својот профил на Телеграм, рускиот пратеник Александар Хинштајн.


„Другите осомничени избегале пеш во блиската шума“, додаде Хинштајн. Напаѓачи облечени во маскирна облека синоќа отворија оган од автоматско оружје во концертна сала во предградието на Москва.


Во нападот, за кој одговорноста ја презеде терористичката група Исламска држава (ИСИС), загинаа најмалку 60 луѓе, а 145 беа повредени.

Хинштајн исто така рече дека за време на потерата бил отворен оган и автомобилот на осомничените се превртел. „Едниот терорист е приведен на лице место, а другите побегнале во шумата.


Како резултат на претресот околу 03:50 часот бил пронајден и приведен второосомничениот. Потрагата по останатите продолжува. Вклучени се сите органи на прогонот во операцијата“, додаде Хинштајн.

При преглед на автомобил „Рено“, пронајден е пиштол „Макаров“, шаржер за автоматска пушка „Калашников“ и пасоши на државјани на Таџикистан, пренесуваат руските медиуми. рп/  .


Извор: МИА