Breaking News

Дури 40 отсто од странските туристи во ЕУ лани престојувале во Шпанија или Италија 


– Најголем број ноќевања на странски туристи во текот на 2022 година меѓу земјите членки на ЕУ бележи Шпанија и тоа 270 милиони, по што следува Италија со 201 милион ноќевања, соопшти денеска Европската статистичка служба – Евростат по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември.


 Во овие две земји биле остварени дури 40 проценти од вкупниот број ноќевања на странски туристи во сместувачките капацитети во ЕУ.


 Во 11 од 27 земји членки на ЕУ мнозинството од туристите кои ноќевале во туристичките сместувачки капацитети во 2022 година биле странци, на кои отпаѓаат 43 проценти од вкупниот број гости сместени во хотелите и преноќувалиштата во Унијата.

 Во три од земјите членки на ЕУ, учеството на странците во вкупниот број туристи надминува 90 отсто и тоа на Малта со 92 проценти и во Хрватска и Кипар со по 91 отсто.


Висок процент на странски туристи бележат и Луксембург со 86 и Грција со 84 отсто, а меѓу 60 и 70 проценти на ноќевање на странци имаат и Австрија, Словенија, Португалија и Шпанија.

 Според податоците на Светската туристичка организација на ОН (УНВТО), иако ЕУ опфаќа само 5,6 отсто од светското население и 3,0 проценти од вкупната површина во светот, дури 45,8 отсто од сите туристички посети на глобално ниво во 2022 година биле реализирани на нејзина територија.


Меѓу топ десетте најпосетени земји од страна на туристите се шест членки на ЕУ – Шпанија на првото место, Франција на второто, Италија на петтото, Германија на осмото, Грција на деветтото и Австрија десеттото место.

сп/јт/Фото: МИА Архива/Евростат .


Извор: МИА