Дрецун: Белград брзо да спроведе истрага и да докаже дека не е поврзан со вооружена група во Бањска


Претседателот на Комитетот на српското собрание за Косово и Метохија, Милован Дрецун денеска оцени дека официјален Белград, по конфликтот меѓу група Срби и косовската полиција во селото Бањска, „сега единствено може да спроведе само многу брза истрага“ за она што се случи.


Белград, како што изјави Дрецун за РТС, мора да ги „отфрли сите обиди на Приштина и на многумина на политичкиот Запад да ја поврзат државата Србија со оваа вооружена група, со нејзината подготовка, обука, вооружување, уфрлувањето на северот на Косово“, јави дописникот на МИА од Белград.


– Затоа што ако тоа не се направи, тогаш Белград ќе биде подложен на некои мерки кои веќе се бараат од многумина на политичкиот Запад, рече Дрецун.

Според него, веќе е намалено и запрено распоредувањето на војниците на српската армија долж административната линија со Косово, а поведена е истрага и приведен е главниот осомничен за организација на групата од Бањска, поранешниот потпретседател на Српска листа на Косово, Милан Радоичиќ.


– Истрагата е започната веднаш, Радоичиќ е приведен, таа истрага веќе покажува дека оружјето е набавено надвор од Србија, дека тоа се нелегални канали и дека се работи за шверц на оружје.

Ако се прифатат резултатите од таа истрага, ако се покаже дека државата Србија не е вмешана во сето тоа, тоа ќе биде многу добар чекор, рече Дрецун, додавајќи дека единственото прашање е чија верзија на настаните ќе биде прифатена.


Коментирајќи ја најавата на претседателката на Косово, Вјоса Османи, дека во наредните денови „ќе објави доказ дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ дал наредба за Бањска“, Дрецун рече дека Приштина „се подготвува да фабрикува некакви наводни докази“ и дека преку Радоичиќ „сака да дојде до Вучиќ и до елиминација на Српска листа“.

об/ми/ .


Извор: МИА