Breaking News

Доновска-Гечева: Банките се обврзани да ги информираат граѓаните за надоместоците за платежните услуги


Преку информативен документ за надоместоците за платежни услуги, со податоци во стандардизирана форма, банките и штедилниците, односно сите даватели на платежните услуги, се должни да ги информираат граѓаните за трошоците што им ги наплаќаат, појаснува Биљана Доновска-Гечева од Дирекцијата за платни системи при Народната банка.


 Доновска-Гечева, како што соопшти Народната банка, на гостување во МТВ посочила дека ова е пропишано со новиот Закон за платежни услуги и платни системи со кој се зајакнува заштитата на потрошувачите.


 Доновска-Гечева појаснила дека секогаш кога има промена во некој од условите, давателите на платежните услуги мораат да ги информираат граѓаните на соодветен начин.

– Од информативниот документ, којшто е стандардизиран, граѓанинот ќе ги дознае сите услови поврзани со платежните услуги и ќе одлучи со која банка ќе склучи договор, според сопствените потреби, нагласила Доновска-Гечева.


За полесна споредба на надоместоците за платежните услуги, банките се обврзани да ги доставуваат информативните документи до Народната банка, којашто, пак, има изработено алатка за полесен пристап и споредба на сите информативни документи на едно место.

Алатката може да се најде на веб-страницата на Народната банка, како и во делот наменет за заштита на потрошувачите. бак/са/Фото: Народна банка .


Извор: МИА