Домувањето клучно за ромската заедница во Куманово


Претставници од Советот, од граѓански здруженија и институции денеска учествуваа на петтата работна сесија за носење на стратешкиот документ „Изработка и имплементација на стратешки и акциски план за интеграција на Ромите“ во општина Куманово, кој ќе има важност до 2030 година и треба да понуди решенија за подобрување на положбата на Ромите на локално ниво.


Локалната стратегија е усогласена со националната и опфаќа пет области на делување, образование, здравство, домување, вработување и култура.


Надлежните од одделението за локален економски развој велат дека согласно претходно донесените стратегии, најпозитивни резултати има во областа образование, најлоши во домувањето.

Затоа и најголем процент од локалниот буџет е одвоен токму за овој сегмент.


-Предвидуваме во рок од седум години околу 50 социјални станови да бидат изградени, тоа ќе биде преку Министерството за транспорт и врски, претставници од локална самоуправа, невладини организации и странски донатори што ќе може да се финансира една таква програма.

Околу 700 куќи од населбите Средорек и Бавчи чекаат за легализација, бидејќи се дел од зелен појас а не во градежен, за што ќе бидат неопходни законски измени, изјави Ахмет Јашаровски од одделението за локален економски развој.


Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска рече дека носењето на стратегијата е клучно за подобрување на квалитетот на животот на сограѓаните од ромската етичка заедница.

-Ромите се составен дел на Куманово, целта на Советот е да усвои една ваква стратегија која ќе биде еден вид на акциски план за подобрување на животот на Ро мите, рече Ѓорѓиевска.


Стратегијата за социјална инклузија на Ромите е достапна за кумановци на општинската веб-страница и сите заинтересирани можат да дадат свои идеи и предлози.

Стратегијата ќе треба да разгледа и усвои советот на општината на следната седница. ам/мч/Фото: МИА Извор: МИА.