Breaking News

Џентилони очекува враќање во игра на буџетските правила на ЕУ од 2024 година 


– Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони изјави дека е уверен оти до крајот на годината ќе биде постигнат договор за повторното спроведување на буџетските правила на ЕУ и дека не очекува понатамошна суспензија на Пактот за стабилност и раст да продолжи во 2024 година.


 Буџетските правилата на ЕУ, регулирани со Пактот за стабилност и раст на Унијата, се ставени во мирување од 2020 година поради Ковид пандемијата со цел да им се помогне на земјите членки да се справат со последиците од корона кризата, но потоа нивната суспензија беше продолжена по стартот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и растот на цените на енергијата и храната.


 Европската комисија работи на повторно воведување на правила кои ќе ги ограничуваат буџетските дефицити и долгот на земјите на ЕУ, обидувајќи се воспостави нов правилник што би бил прифатлив за сите членки.

 Но, токму матичната држава на Џентилони – Италија, е главен поборник на поблаги буџетски правила и нивно одлагање, за разлика од некои земји од северот на континетот, кои инсистираат на строго регулирање на висината на дефицитот и долгот на членките, пред се на оние од Еврозоната.


 – Уверен сум, би рекол дека морам да бидам уверен, дека договор може да биде постигнат до крајот на годината.

Суспензијата нема да биде продолжена во 2024 година, изјави викендов Џентилони на маргините на Економскиот форум во италијанскиот град Чернобио.


 Но, за разлика од него, италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети смета дека е невозможно постигување на договор меѓу Еврокомисијата и земјите членки на ЕУ за новите европски буџетски правила до крајот на годината.

 Ставот на Џорџети доаѓа во време кога Италија го подготвува нивиот државен Буџет кој треба да најде баланс меѓу ветувањата на италијанската премиерка Џорџија Мелони за намалување на даноците и кратењето на буџетскиот дефицит, во услови кога земјата се соочува со економско забавување.


 Според Џентилони, доколку не биде постигнат договор за повторно воведување на правилата, ќе се загрози економскиот раст и ќе дојде до зголемување на долговите на членките во Унијата.

 Државните субвенции и инвестициските програми за справување со последиците од ковид кризата и руската инвазија врз Украина, резултираа со раст на долгот на многу земји од ЕУ над нивото од 60 проценти од националниот БДП, колку што беше регилирано со буџетските правила на сега суспендираниот на Пактот за стабилност и раст.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА