Breaking News

Џафери-Желјасков: Економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Скопје и Софија од голема важност


Многу е важно позитивниот став за заемни средби и посети да продолжи и во иднина, затоа што на тој начин се испраќаат пораки за поголема парламентарна соработка, подготвеност за отворен разговор и внесување на нови, свежи текови во политиката меѓу две соседни земји, истакнал претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, Росен Желјазков кој е во работна посета во земјава.


Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери се заложил тонот на комуникација кој не е во линија на потребното ниво да престане, пред сé, заради подобрување на билатералните односи меѓу двете земји, како и заради членството на Република Северна Македонија во Европската Унија.


Тој ја поздравил воспоставената културна соработка меѓу двете водечки музејски установи од областа на археологијата во двете земји, кои преку изложби и проекти го промовираат зачувувањето на културното наследство, како и заедничките европски вредности.

Џафери истакнал дека припадниците на бугарската заедница во Република Северна Македонија кои се чувствуваат различно од другите заедници во земјата, треба да бидат мост кои ќе ги поврзува двете земји во иднина.


Во однос на процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ, Џафери истакнал дека во тек е завршување на фазата на скрининг.

Потенцирал дека сме во процес на промена на Уставот на земјата и се очекува да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.


Желјазков се заблагодарил на гостопримството и потврдил дека Бугарија го поддржува европскиот пат на Република Северна Македонија, но важно и е да се имплементира Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји и да се направат потребните реформи.

Укажал на важноста од превенција на ширење на јазик на омраза и заедничко делување во правец на создавање емпатија меѓу народите, иако е тоа секогаш потешкиот пат, кој сепак мора да се следи во име на благосостојбата на следните генерации.


Потенцирал дека вистинските државници мора да размислуваат и дејствуваат во корист на идните генерации во двете земји а не како политичари кои мислат само на следните избори, стои во соопштението.

Двајцата соговорници се согласиле дека економската соработка меѓу двете земји е многу важна, како и инфраструктурното поврзување и интензивирањето на парламентарната соработка со фокус на соработката во однос на европските прашања.

нд/ац/Фото: Собрание на РСМ .

Извор: МИА