Breaking News

Џафери: Вложувањето во младите, во нивното знаење, е влог во подобрување и усовршување на целиот систем во земјава


Обезбедувањето на економски, социјални и образовни платформи и програми е од голема важност за зајакнување и унапредување на нашето општество и отворање нови можности за младите генерации, истакна техничкиот премиер Талат Џафери во обраќањето на настанот по повод доделување на стипендии за академската година 2023/2024 од Фондацијата Албиз.


Тој додели и благодарници на најдобрите дипломирани студенти за 2023 година.


-Вложувањето во младите, во нивното знаење, е влог во подобрување и усовршување на сите димензии во системот во Северна Македонија.

Државата има квалитетни кадри и преку вакви програми се отвораат можности да се спречи одливот на младите кои својата иднина ја бараат надвор од границите на нашата држава.


Ова е можност да се создадат конкурентни услови за работа како во европските земји.

Стипендирањето на младите за нивно повисоко професионално достигнување и градење во идни квалитетни и конкурентни кадри кои ќе работат во државата и ќе придонесуваат за нејзиниот економски развој и просперитет е од исклучителна важност, рече Џафери.


Тој посочи дека во изминативе години Владата се залагала квалитетот на домашното образование да ги достигне посакуваните стандарди, а тоа, како што рече ќе продолжи и во иднина, со темелна реформа.

-Нашите пријатели од меѓународните институции и програми нѐ поддржуваат во правењето на новите етапни промени во образовните програми и исто така, во вложувањето во инфраструктурата.


Наш партнер се и активните граѓански организации, фондации и здруженија, за што е потврда и овој убав вечерашен настан.

Ова е можност заеднички да го доближиме образованието до европските вредности, како уште една алка од исклучителна важност за успешната европска приказна на Република Северна Македонија, истакна Џафери.

нд/вј/Фото: Влада .

Извор: МИА