Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во посета на Лекторатот по македнски јазик при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта


Проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на 8 и 9 април беше во работна посета на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.


Деканот Мартиновски беше гостин на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, што го води Златко Панзов и имаше можност лично да се запознае со Лекторатот, состојбата и предизвиците со кои се соочува.


Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта бележи зголемен интерес за изучување на македонскиот јазик и култура, 30-40 студенти ја посетуваат наставата по македонски јазик секој семестар.

 Златко Панзов, лекторот по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје на Институтот за славистика и балтичка филологија, вели дека ваквите посети уште поцврсто ја засилуваат позицијата на македонистиката во Унгарија.


Како што појаснува Панзов  од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, во рамките на својата посета проф. д-р Мартиновски оствари работна средба со проф.

д-р Роберт Киш-Семан, директор на Институтот за славистика и балтичка филологија во чиишто рамки функционира Лекторатот по македонски јазик.


На состанокот се разговарало за состојбите со славистиката во Унгарија и Македонија, и се договориле конкретни чекори за соработка, размена на колеги и студенти, учество на конференции и научни собири.

Од страна на проф. д-р Киш-Семан била потврдена поддршката и  подготвеноста за подигнување на нивото на изучување на македонскиот јазик, бидејќи конечно се созреани условите за еден таков чекор.


Деканот Мартиновски остварил  и работна средба со проф. д-р Оршојава Ретхеји, заменик декан на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ.

На средбата се разговарало за предизвиците со кои се соочува високото образование во двете земји и размениле мислења и идеи за идна соработка.

Лекторот Панзов ја запознал д-р Ретхеји со работата на Лекторатот по македонски јазик и плановите за развој на македонистиката во Унгарија.

При својата посета деканот Мартиновски го промовирал зборникот „Македонски историско-книжевен мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik).

Зборникот претставува избор на научни текстови кои овозможуваат преглед на историскиот развој, особеностите и новите тенденции во македонската книжевност.

Изборот на текстовите го направил Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, текстовите на унгарски јазик ги превела Анамарија Цинеге-Панзова, докторант на Докторската школа за словенски книжевности.

Зборникот излезе во реномираната едиција Opera Slavica Budapestinensia.

Пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија,деканот Мартиновски одржал  и предавање на тема „Македонската поезија во дијалог со музиката“Предавањето било заокружено со неколку македонски песни во изведба на музичкото дуо BudaPesme.

ад/са/Фото: Лекторат по македонски јазик во Будимпешта  .

Извор: МИА