Дебарската ТППЕ лани имала 126 интервенции


Дебарската територијална противпожарна единица (ТППЕ) во 2022 година имала 126 интервенции што е за две интервенци помалку споредено со претходната година.


-Во текот на минатата година имавме 126 интервенции. Од нив 114 се пожари, од кои 20 отсто се на објекти речиси сите на оџаци, при што нема поголеми оштетувања на објекти и по тој основ и материјалната штета е минимална. И пожарите на отворен простор се со помала зафатена површна и помала материјална штета. Опожарени се 7 хектари, главно стрништа и депонии, изјави за МИА, Џетан Мифтароски, командир на Територијалната противпожарна единица.


Додава дека во годината која е зад нас имале и 12 технички интервенции, гаснење на пожар на сообраќајно средство како и интервенции по сообраќајна несреќа.

Четринаесетте дебарски пожарникари интервенираат и во општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше, на подрачјето на Река, но по потреба, од хуманитарен аспект, интервенираат и во пограничниот појас на албанска страна, што е во рамки на воспоставената соработка меѓу општините Дебар и Пешкопеја.


Единицата, рече Мифтароски, располага со потребената механзација, што условува брза и успешна интервенција.

Годинава, како што најави градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, на новогодишна средба со новинарите, ќе биде реконстриран Противпожарниот дом.


Имајќи предвид дека е во тек грејната сезона, Мифтароски го повтори апелот до граѓаните редовно да ги чистат оџаците, бидејќи со години тие се главната прична за пожари на објекти. вт/мч/