Breaking News

Данскиот престолонаследник Фредерик ќе биде прогласен за нов крал по абдицирањето на кралицата Маргарета Втора


Данската кралица Маргарета Втора, најдолговечниот монарх во Европа, ќе абдицира денеска на свечена церемонија и ќе му ја предаде круната на својот син Фредерик, точно 52 години откако таа самата беше крунисана.


Маргарета (83) ја најави абдицијата во својот новогодишен говор и ја закажа за 14 јануари, датумот кога таа самата ја презеде круната по смртта на нејзиниот татко во 1972 година.


Во Данска во последните 900 години ниту еден монарх доброволно не се откажал од круната. Во јавноста сепак се шпекулираше за можноста за ваков потег поради нејзиното нарушено здравје.

Таа беше подложена на тешка операција на грбот минатата година и дури во април се врати на јавните должности.


Кога таа е родена во 1940 година, во Данска само машките потомци на монархот можеа да ја наследат круната, што во Уставот е сменето дури во 1947 година.

Меѓутоа, за време на нејзиното владеење, популарноста што монархијата и таа лично ја уживаат меѓу граѓаните е постојано висока и изнесува повеќе од 80 проценти.


Монархот во парламентарната уставна монархија на Данска има главно церемонијална улога.

Популарната кралица важи за многу образована личност, студирала на Кембриџ, Универзитетот Архус и Сорбона и течно зборува француски, англиски, шведски и германски јазик.


Заедно со нејзината државничка способност, таа беше почитувана и поради нејзината смисла за хумор. Таа е страствен пушач и често е видена со цигара во раката.

Нејзиниот син Фредерик (55), чие полно име е Фредерик Андре Хенрик Кристијан, исто така е популарен меѓу Данците. Омилен е поради блискоста со народот, спортскиот дух, но и љубовта кон рок музиката.

Дипломирал политички науки на Универзитетот во Архус, а извесно време студирал и на Харвард, пренесоа агенциите.

Меѓу другото, како млад истрчал маратон во респектабилно време од три часа и 23 минути, поминал тешка обука за борбено пливање во војска и учествувал во експедиција со санки долга 2.

800 километри на Гренланд, кој заедно со Фарските Острови, е автономен регион во состав на данската круна. рп/Фото: МИА архива .

Извор: МИА