Breaking News

Читаку: Курти се конфронтира со САД и ЕУ за да ги скрие скандалите во внатрешното владеење


– Потпретседателката на опозициската Демократска партија на Косово, Влора Читаку, ја обвини Владата на Косово и владејачката партија Движење самоопределување (ВВ) за лошо владеење, велејќи дека кризите и конфликтите што ги создаваат со сојузниците на Косово ги засенуваат „последователните скандали во внатрешното владеење“, јави дописникот на МИА од Приштина.


Читаку на нејзината страница на Фејсбук напиша дека премиерот Албин Курти и експонентите на ВВ намерно создаваат конфликти со Соединетите Американски Држави и Европската унија, за да го одвлечат вниманието од скандалите во водењето на државата.


– Премиерот и експонентите на ВВ продолжуваат да создаваат кризи и конфликти со сојузниците. Нивните јавни кавги, час со САД, час со ЕУ, им донесоа само една добра работа.

Тие им ги оставаат во сенка последователните скандали во внатрешното владеење, напиша Читаку.


Поранешната амбасадорка на Косово во САД ја обвини ВВ за политички именувања, еден ден откако на чело на Косовската енергетска корпорација (КЕК) беше именуван поранешен кандидат на ВВ за член на општинското собрание во Косово Поле.

– Вчера функционер на ВВ е именуван за директор на КЕК. Ова се случи по апсењето на поранешниот директор, кој исто така беше функционер на ВВ.


Веќе е јасно, судирите со сојузниците, наводно во име на суверенитетот, се прават за да се компензира недостатокот на успех во владеењето и да се прикријат скандалите.

Овој начин на резонирање нема да трае уште долго, напиша Читаку. иа/паг/Фото: Фејсбук      .


Извор: МИА