Breaking News

Честитка од Свештената бигорска Обител по повод Денот на независноста 


Честитка по повод Осми септември, Денот на  независноста упати Свештената бигорска обител, посакувајќи „Бог да ни ја сочува Татковината вечна“.


-Братството на Свештената бигорска Обител на сите граѓани на Република Северна Македонија, радосно и срдечно, им го честита Денот на независноста.


Вечен им спомен и слава на сите македонски родољупци и слободољупци. Бог нека ни ја сочува Татковината вечна и нека им вдахне родољубие на сите наши политичари, посакува Свештената бигорска обител.

 Се наведува дека 8-ми септември 1991 година ја „возгласи на целиот свет вистината дека Македонија е достојна за дарот на слободата и за самостоен државен живот“.


 -Она што е воздухот за телото, тоа е слободата за човечката душа. Колку еден народ има поразвиено самосознание, толку повеќе тој ја цени слободата, стои во честитката.

Порачуваат дека љубовта е првобитното животно начело, дека тоа не е само надворешната љубов, туку тоа е љубовта во своето највисоко и најубаво значење, љубов во сите нејзини чисти пројави.


-Онаа љубов, која во својата крајност е, всушност, вера, која во себе соединува сè што е свето, божествено, благородно и возвишено – љубов кон Бога, кон ближните, кон Татковината, кон ова мало, но мило парче земја, кое нас и нашите прататковци нè родило, нè одгледало и во своите пазуви нè примило, се наведува во честитката на Свештената бигорска обител.

вт/мч/ .


Извор: МИА