Breaking News

Честитка од Сиљановска Давкова по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.


-Би сакала да упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.


Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа.

Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука.


И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.

Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите.


Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација.

Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.


Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на Св.

Кирил и Методиј, се вели во честитката од Сиљановска Давкова. аа/Фото: Кабинет на Претседател  .

Извор: МИА