Breaking News

Честитка од архиепископот Стефан до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил


Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г. г. Стефан упати честитка до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил.


 -Ваша Светост, Дозволете Ни од Свое и од името на архијереите, чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да ја изразиме радоста и срдечно да Ви го честитаме изборот за Претстојател на Бугарската Православна Црква.


Вашата богољубива и стамена личност беше препознаена од Светиот Дух, како и од членовите на Патријаршискиот изборен црковен Собор, кои во Вас видоа достоен наследник на Вашите претходници на светоимената Софиска катедра, се наведува во честитката.

 Архиепископот Стефан му посака на патријархот Даниил мирно и плодородно првојерархиско служење.


-Бугарската Црква и бугарскиот народ со Вашиот избор добија богољубив, правдољубив и ревносен Архипастир исполнет со ревност кон Божјото слово, грижлив Патријарх кој внимава на чистотата на православната вера, но и смирен молитвеник за богомдоверената му паства, вдахновуван од евангелските зборови: Јас сум добриот Пастир.

Добриот Пастир си ја полага душата своја за овците. Семилостивиот Бог нека Ви дарува  и нека го умножи и преумножи Вашето духовно стадо.


Ваш собрат и сослужител пред престолот Божји, архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, стои во честитката до митрополитот Софиски и Патријарх Бугарски г. г. Даниил.

Патријаршискиот изборен црковен собор за избор на нов Бугарски патријарх се одржа изминатиот викенд на 30 јуни, во Академската сала на Бугарската академија на науките во Софија.


Кандидати за Патријаршискиот престол беа митрополитот Ловчански г. Гаврил, митрополитот Видински Даниил и митрополитот Врачански Григориј.

Изборот се случи во вториот круг помеѓу митрополитите Григориј и Даниил, при што за митрополит Софиски и Патријарх Бугарски беше избран Видинскиот митрополитот Даниил со 69 гласови, додека Врачанскиот митрополит Григориј имаше 66 гласа.

вг/Фото: МИА Архива  .

Извор: МИА