Breaking News

Бојмацалиев – Кицев: Заеднички се заложбите против притисоци кон вработените


Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска оствари средба со претставници  на репрезентативниот Македонски полициски синдикат, предводени од претседателот Марјан Кицев.


 Целта на средбата, како што соопшти МВР, е да се потврди меѓусебната поддршка и заложба за спроведување  фер, слободен  и демократски изборен процес.


Бојмацалиев истакнал дека продолжува по принципот на работа на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Потенцирал дека ниту едно право на полициските службеници,  кое им следува со потпишаниот Колективен договор помеѓу МВР и МПС, нема да биде укинато.


Бојмацалиев истакна дека не отстапува од принципот на фер и достоинствено раководење со Министерството, при што рече дека нема да бидат толерирани никакви притисоци кон вработените од ниту една политичка партија, а во спротивно ќе следуваат соодветни правни санкции, се вели во соопштението.

Претседателот на МПС Кицев му честиташе на Бојмацалиев за именувањето на функцијата дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.


Ја изрази својата поддршка за посветеноста и професионалноста на Бојмацалиев да бидат спречени каков било вид на притисок врз вработените од страна на која било политичка партија.

– Двајцата соговорници уште еднаш ја потврдија досегашната успешна соработка, со обврзување за интензивирање на нејзината динамика и во иднина, стои во соопштението од МВР. мд/дма/Фото: МВР   .


Извор: МИА