Breaking News

Бочварски: Капиталните инфраструктурни проекти клучни за развојот на националната економија


– Капиталните инфраструктурни проекти имаат клучно значење за развојот на економијата и тоа беше главната водилка при креирањето на движењето на капиталните инвестиции од страна на Владата изминатиот мандат.


Фокусот беше ставен на подигнувањето на нивото на капиталните инвестиции во државата, со цел поефиканско пребродување на кризата наметната од ковид-епидемијата и енергетската криза како последица од војната во Украина.


Тоа денеска го истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во обраќањето на панел-дискусијата во рамки на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ што во организација на Владата се одржува во Скопје.

Бочварски истакна дека државата мора да продолжи по трасираниот пат, преку зголемување на капиталните инвестиции да се овозможи повеќе работа за домашните компании и за сите останати што ќе бидат избрани да работаат на македонските патишта, пруги, гасоводи.


. .

– Ако пред десеттина години нивото на капиталните инвестиции изнесуваше некаде 260 милиони евра годишно, во 2023 тоа достигна над 700 милиони евра, што значи развој на државата, изградба на патишта, железнички пруги, локални патишта, гасоводи, водоводи, канализации, социјални станбени згради и се она што значи развој и подобар живот за граѓаните.


Овие бројки не ги кажуваме само како бројки туку како реални проекти видливи на терен, рече тој.

Министерот уште истакна дека клучно за Северна Македонија како континентална држава клучно е да ги развива двата европски коридори.


Според него, голем успех е што заедно со Бугарија, Албанија и Италија Коридорот 8 беше впишан на мапата главни европски коридори.

– Тоа е мошне значајно за нас, оттаму што нашата цел е да ги изградиме тие два коридори. . . Со тоа конкурентноста на државата ја носиме на многу повисоко ниво, рече тој.

Вториот аспект, според него, е интерконекторот за гасното поврзување на државата кон Грција, проект за кој се говореше многу години, а сега веќе тендерската постапка е во тек, а постои и интерес кај компнии за влез во процедура и да учествуваат во негова изградба.

Бочварски потсети дека се завршени двата магистрални гасоводи кон Битола и кон Гостивар, што е дополнителен исчекор во исклучително сложени околности. – Градежништвото во овој период доживува рестарт.

Тоа го кажувам поради градежната реформа што ја спроведуваме, преку новиот пристап и принцип на проектирање и градба што ги дава посакуваните резултати.

Ова е шансата на нашата држава, конечно после 30 години самостојност да покажеме дека инфраструктурата е на приоритетно ниво, рече тој.

Меѓу другото тој посочи и на поддршката на општините со 70 милиони евра за реализација на локални патни правци, да се инвестира во ефикасен транспортен систем во земјата како предуслов за развој.

– Направивме рехабилитација и доизградба на четири патни правци кон граничните премини. . .

Пуштен е во употреба патниот правец Деве Баир- Крива Паланка, пуштен е патот од Битола кон Меџитлија, а есента беше пуштен во употреба и обновениот патен правец од Подмоље кон Струга и Ќафасан.

Поврзувањето е подобрено во дел на комуникација  кон Албанија, кон Грција и Бугарија, а најавувам дека веќе утре сме на пуштање на патниот правец Скопје – Блаце и поврзувањето кон Косово, рече Бочварски.

аб/аа/фото/скриншот .

Извор: МИА