Breaking News

Блинкен во посета на Израел како дел од напорите за постигнување прекин на огнот во Газа


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигнува во Израел, како дел од интензивните дипломатски напори за време на турнејата низ регионот на Блискиот Исток за да се постигне „траен и моментален прекин на огнот“ во Газа и да се одврати израелската офанзива во Рафа.


Блинкен треба да се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху и со воениот кабинет на Израел, соопшти Стејт департментот.


Се очекува највисокиот американски дипломат да изврши нов притисок врз Израел да ја откаже  офанзивата на Рафа и да укаже на итната потреба да се достави поголема хуманитарна помош за населението во Појасот Газа.

„Нашиот став, кој е многу јасен, е дека голема воена операција во Рафа би била грешка, нешто што ние не го поддржуваме“, изјави вчера Блинкен, пренесе Си-Ен-Ен.


Ова е шеста посета на Блинкен на регионот на Блискиот Исток од почетокот на војната во Појасот Газа, а се одвива паралелно со разговорите што се водат во Катар за пауза во борбите во Газа и ослободување на заложниците.

Советот на безбедност на ОН денеска ќе гласа за американската нацрт-резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа. ссм/фото: архива .


Извор: МИА