Breaking News

Блинкен. САД ќе одвојат вкупно 300 милиони долари за мултинационална мисија за справување со кризата во Хаити


– САД ветија уште 100 милиони долари за мултинационалната мисија што е планирана за справување со кризата на Хаити, со што вкупно ќе дадат 300 милиони долари, изјави вчера американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, цитиран од ДПА.


Блинкен изјавата ја даде на состанокот на шефовите на влади на Карибите во Кингстон, Јамајка.


Дополнително, државниот секретар кажа дека САД ќе обезбедат за Хаити хуманитарна помош во вредност од 33 милиони долари.

На состанокот во Кингстон, на кој учествуваше и канадскиот премиер Џастин Трудо, се разговараше за предлогот за создавање преоден претседателски совет за справување со политичката криза во оваа карипска земја.


Карипската заедница објави дека премиерот на Хаити Ариел Анри се согласил да поднесе оставка.

-Се планира да се формира седумчлен претседателски совет кој ќе управува со Хаити во преодниот период кој ќе заврши со одржување на избори.


Претседателскиот совет ќе назначи привремен премиер, изјави синоќа по состанокот претседателот на Карипската заедница и претседател на Гвајана, Мохамед Ирфан Али.

ДПА потсетува дека на барање на владата во Хаити, Советот за безбедност на ОН во октомври нареди распоредување на мултинационална полициска мисија на островот за справување со криминалните банди кои дивеат во земјата.


Портпаролот на ОН вчера изјави дека за мисијата досега се собрани само 10,8 милиони долари. Американскиот Конгрес сè уште не го одобри најголемиот дел од ветените американски средства за мисијата.

Насилството во Хаити излезе од контрола кон крајот на минатиот месец, а во карипската земја во моментов е воведена вонредна состојба. сд/фото:МИА архива .

Извор: МИА