Блинкен му ја пренесе на Израел поддршката на САД и загриженоста на арапските лидери за цивилите во Газа


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го повтори своето ветување дека ќе го поддржи Израел во неговата војна против палестинските милитанти на Хамас, откако се врати во земјата по втор пат за помалку од една недела.


Блинкен денеска пристигна во Ерусалим за да се консултира со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други високи претставници, а исто така ги информираше за разговорите што ги одржа со арапските лидери со цел да се постигне смирување на судирите и потребата да се заштитат цивилите во Појасот Газа.


 „Американскиот државен секретар ја нагласи својата цврста поддршка за правото на Израел да се брани од тероризмот на Хамас и ја потврди решеноста на САД да ѝ дадат на израелската влада сè што и е потребно за да ги заштити своите граѓани“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер во соопштението.

Блинкен, исто така, разговараше за напорите на САД со другите земји и ОН за испорака на хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа, како и за посветеноста на Вашингтон да помогне во обидите за спасување на речиси 200 заложници што таму ги држи Хамас.


Тој повторно дојде во Израел по повеќедневната турнеја низ арапските земји за време на која ја слушна загриженоста на арапските лидери за најавената израелска копнена инвазија на Појасот Газа, која ќе предизвика хуманитарна катастрофа за Палестинците и веројатно ќе предизвика поширок регионален конфликт.

рп/Фото: МИА архива .


Извор: МИА