Breaking News

Блинкен ќе го покрене прашањето за заштита на цивилите во Газа за време на неговата претстојна посета на Израел


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека за време на неговата посета на Израел ќе им каже на израелските власти дека е императив да направат повеќе за да спречат цивилни жртви во Газа.


Тој ова го изјави на заедничката прес-конференција со катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани во главниот град Доха.


Блинкен додаде дека на палестинските цивили треба да им се дозволи да се вратат во своите домови и да не се врши притисок да ја напуштат Газа.

Тој предупреди дека конфликтот меѓу Израел и Хамас може да го зафати регионот, „предизвикувајќи уште повеќе страдања и неизвесност“.


-САД работат на спречување на ширењето на конфликтот, нагласи државниот секретар.

Тој, исто така, рече дека Обединетите нации би можеле да играат клучна улога во дозволувањето на раселените цивили во Газа да се вратат дома додека Израел преминува во „фаза со помал интензитет“ на воената кампања.


-Палестинските цивили мора да се вратат во своите домови што е можно поскоро, штом тоа го дозволат условите.

Не може – не смее – да се врши притисок да ја напуштат Газа, рече Блинкен, отфрлајќи ги повиците на некои израелски официјални лица за масовно раселување на населението од Газа.


Катарскиот премиер, од своја страна, на прес-конференцијата рече дека убиството на лидерот на Хамас во израелскиот напад во Бејрут влијаело на способноста на Доха да посредува меѓу палестинската група и Израел.

Сепак, Катар ќе продолжи со напорите, нагласи тој.

По неговите разговори со Блинкен, шеикот Мохамед повика на итен прекин на огнот, велејќи дека постојаните слики на смрт и уништување во Газа ги десензибилизираат луѓето кон ужасите на она што се случува.

-Ова е голем тест за нашата хуманост. Ние бараме одржлива иднина, но сега фокусот е на запирање на борбите, рече тој.

 Израел одбива да прифати прекин на огнот, а САД наместо тоа повикуваат на одредени привремени „хуманитарни паузи“ за да се дозволи протокот на помош и луѓето да се преселат на безбедно.

Блинкен, исто така, ја опиша како „незамислива трагедија“ смртта на двајца новинари на Ал Џезира во напад за кој е обвинет Израел. мс/фото: МИА архива  .

Извор: МИА