Битиќи ќе поднесе нова претставка до Комисијата за заштита од конкуренција ако се утврди дека има картелско здружување кај трговците


Вицепремиерот за економски прашања Фамир Битиќи денеска најави дека ќе поднесе нова претставка до Комисијата за заштита од конкуренција доколку се утврди дека има картелски здружувања меѓу трговците по укинувањето на мерката за гарантирани цени на прехранбените производи.


 Битиќи ги покани медиумите во сабота заеднички да посетат шест различни маркети со цел да се види дали има зголемување на цените кај прехранбените производи.


   – Ве поканувам во сабота да ме придружите, ќе одиме во шест различни маркети со различни брендови да ги видиме цените на еден до два производа и ако има навистина зголемување, во понеделник ќе отидеме во Комисијата за заштита од конкуренција да поднесеме претставка, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешното потпишување на Меморандумот за соработка со ЏЕТРО.

Од извештаите од Пазарниот инспекторат, како што рече, досега нема индиции дека има договорено зголемување на цените. – Сакаме да видиме дали има индиции за договорено зголемување на цени.


Ако има зголемување само во одреден маркет, тоа може да е од икс причини, односно може да биде местото на добавувачите или од каде што го земаат, да имаат повисоки цени, но ако се случи кај сите истовремено за ист производ, тогаш може да има индиции за договорено зголемување на цени.

Такви индиции досега од извештаите што ги читаме од ДПИ, не добиваме, истакна Битиќи.


Од 1 март се укина мерката за гарантирани цени на одредени прехранбените производи како лебот, млекото, јогуртот, тестенините, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото бидејќи со Законот за нефер трговски практики се очекува повеќе да нема картелско здружување и енормно зголемување на цените на производите.

Законот е се уште во собраниска процедура и денеска треба да помине во Законодавно-правната комисија по што треба да се најде на пленарна седница. бак/лв/Фото: МИА архива .


Извор: МИА