Битиќи: Имаме систем за развој и поддршка на старт ап


Владата има креирано простор и систем којшто овозможува развој и поддршка за раст на старт ап заедницата, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој преку видео порака се вклучи на панел дискусијата „Постојана поддршка на иновациите во свет на промени“ во организација на Бизнис акселераторот УКИМ.


– За младите бизниси инкубаторите и акселераторите се исклучително важни и мислам дека досега имаме многу направено, но истовремено сум свесен дека за вас тоа не е доволно и дека треба уште, бидејќи вие сте моторот на новото време, турбините на современите економии. Затоа веќе со години трпеливо го градиме екосистемот кој ќе ви овозможи шанса. А за мене таа е најважна, рекол Битиќи.


Вицепремиерот додаде дека верува во поттикнување на старт апи и нови иновативни компании.

– Со вас можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, да ги користиме најоптимално ресурсите и да ги дигитализираме нашите компании и институции и заедно со вас да работиме на поголема инклузивност и диверзификација, со единствена цел да имаме подобар економски и општествен развој, нагласил Битиќи и упатил честитки за работата на Акселераторот УКИМ, за новите три инвестиции со што нивното портфолио сега брои вкупно 10 старт апи.


Битиќи, како што соопштија од неговиот Кабинет, упатил честитки до младите бизниси, инкубатори и акселераторите кои добиле инвестиција од Владата од над 500.000 евра и уште еден милион евра од други извори. бак/сп/