Breaking News

Битиќи: Ако помирувачот со Синдикатот на вработените во УЈП рече дека треба да добијат повисоки плати како Влада ќе мораме тоа да го направиме


Владата бара системско решение за платите на вработените во јавниот сектор за еднаш за секогаш да знаат на што се и какви плати ќе добиваат во наредниот период.


Тврдиме дека тој модел ќе осигура достоинствени плати за вработените во јавниот сектор, порача повторно денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.


За вработените во Управата за јавни приходи (УЈП), кои од 27 јуни најавија генерален штрајк доколку не им се зголеми платата за 30 отсто, како што претходно согласно измените во Законот им беше зголемена на вработените во Министерството за финансии, Битиќи посочи дека има автентично толкување на Законот и промена во која се прецизира за кого важат законските измени.

– Веќе има назначено помирувач со Синдикатот на вработените во УЈП кој ќе бара решение.


Ако помирувачот рече дека не е исполнет законскиот услов и дека треба да добијат повисоки плати, како Влада ќе мораме тоа да го направиме.

Постои и механизмот на автентично толкување на законот во Собрание.


Ако Собранието ни потврди дека УЈП и Царинската управа треба  да добијат покачување на плати според тој закон, како што добиле другите вработени во Министерството за финансии и другите органи под Министерството за финансии кои тоа го добиле, нема никаков проблем да изгласаме таква одлука на Влада и да добијат повисоки плати, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање при денешната посета на фабриката „Европа“ во Скопје заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

Од друга страна, додаде вицепремиерот, в четврток е закажана седница на Економско социјалниот совет на која треба да се разговара и ова прашање.


– Секако ќе има претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, а тоа што немаат претседател не е проблем, бидејќи имаат Претседателство, и ќе се разговара за моделот.

Од нив имаме добиено предлог дека методологијата за плати треба да биде заснована на просечна плата помножена со коефициент.

Кажавме дека тоа е прифатливо за Владата, како што е прифатлива и постојната метода. За двата модела треба да се разговара на маса и да се бара решение.

Ние понудивме преоден период на прилагодување од пет години, а тие не го прифатија. Сега го кратиме тој временски период на 2,5 години.

Тие треба да го видат предлогот и да кажат дали е прифатлив, посочи Битиќи и додаде дека ваквиот предлог ќе биде доставане до синдикатите. вј/сп/Фото МИА .

Извор: МИА