Breaking News

Бесими: Солидарниот закон е еднократен, средствата се на антикризни мерки


Се работи за еднократен данок, а собраните средства ќе бидат наменети за антикризни мерки, повтори денеска министерот за финансии Фатмир Бесими во однос на солидарниот данок за кој рокот на уплата помина, а дел од стопанските комори најавија дека ќе го оспорат пред Уставен суд.


 Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата има обезбедено средства за да им ги врати на компаниите, доколку законот падне на Уставен суд, Бесими рече дека прашањето е хипотетичко.


 – Прашањето е хипотетички и за хипотетички прашања, не можеме да предвидиме средства во Буџетот.

Мислам дека институциите кои законот ги опфаќа треба да ја извршат својата законска обврска кога се знае дека средствата одат за антикризни мерки и за поддршка на граѓаните, рече Бесими.


Со солидарниот данок опфатени се 156 компании. Според податоците што ги презентираше Управата за јавни приходи на последната средба со новинарите, уште 26 компании го немаа платено овој данок.

Државата досега има собрано 37,4 милиони евра, а компаниите неплаќачи и должат уште 16,1 милиони евра.


На компаниите што нема да ја подмират оваа обврска, според најавите на УЈП, на 24 овој месец ќе им бидат блокирани сметките.

Во однос на антикризните мерки, премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека до крајот на годинава за антикризни мерки има 4,6 милијарди денари, а за следната година 3,5 милијарди денари.


Деветиот антикризен пакет, како што рече, се подготвува, а со мерките ќе бидат опфатени најранливите категории на граѓани. Ќе продолжи и субвенционирањето на електричната енергија.

бак/са/Фото: МИА архива    .

Извор: МИА