Бесими: Продолжува трендот на намалување на инфлацијата, остануваме на истите проекции за раст на БДП и за годишната инфлација


Трендот на намалување на инфлацијата продолжува и мерките даваат ефект.


Инфлацијата во август е 8,3 проценти, претходниот месец беше 8,4, пред тоа беше 9,3, а во октомври минатата година беше 19,8 отсто.


Со тоа ќе продолжиме и понатаму да даваме солидна поддршка за стопанството, но и за заштита на стандардот на граѓаните, особено на најранливите категории на граѓани во услови на криза, истакна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

 Нагласи дека и во проекциите на ребалансот Министерството за финансии останува на раст на БДП од 2,5 отсто и инфлација од 8,9 отсто на годишно ниво.


Како што посочи наплатата на ДДВ во текот на годинава потфрли за шест милијарди денари кои се надополнуваат со растот на наплатата на персоналниот данок, данокот на добивка, придонесите и солидарниот данок.

-Ако номинално сме имале 78,5 милијарди денари сега имаме 72,5, значи 6 милијарди помалку.


Овие 6 милијарди денари се надополнуваат со тоа што во персоналниот има раст од 1 милијарда денари, во данокот на добивка има раст 2,7 милијарди, притоа има раст исто и во придонесите и 3 милијарди денари има во данокот на солидарност.

Со тоа се затвора приходната страна без притоа да има потреба да се задолжуваме како земја и да се зголеми дефицитот, рече Бесими во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата на која го презентираше предлог ребалансот на Буџетот за 2023 година.


Најави дека во септември или октомври годинава ќе биде издадена нова граѓанска обврзница, а се планира и првпат да се издаде зелена обврзница.

-Првата емисија на граѓанска обврзница ги надмина нашите проекции, ние излеговме со 10 милиони, а беа понудени 24 милиони денари.

Одлична вест е што граѓаните се повеќе се заинтересирани за овој инструмент. Првичните проекции и најави беа дека двапати годишно ќе издаваме и дека ќе го има постојано во иднина на нашиот пазар.

Исто така, зелената обврзница ќе биде нов пилот проект што првпат ќе се издаде оваа година.

Размислуваме бидејќи е прв пилот проект средствата да одат директно во Фонот за енергетска ефикасност во Развојната банка каде што ќе се подржат проекти што се согласно стандардите за зелена економија, појасни Бесими.

Граѓанската обврзница, како што кажа, е веќе етаблирана и ќе се процени моментот кога ќе се објави, а зелената обврзница бара уште некои подготовки.

-За зелената обврзница се консултираме со меѓународни институции затоа што има одредени стандарди да се исполнат и тоа ќе го направиме, по што ќе биде уште една новина на нашиот финансиски пазар, потенцира Бесими.

вј/црФото: Принтскрин   .

Извор: МИА