Breaking News

Бесими: Поволни 50 милиони евра за малите и средните претпријатија


Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска соопшти дека 50-те милиони евра наменети за домашните компании што се обезбедени преку Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) ќе бидат достапни до крајот на годинава.


Од Министерството за финансии информираат дека средствата ќе се пласираат до малите и средните претпријатија, преку комерцијалните банки, а може да се користат за основни и обртни средства и со тоа да отворат нови работни места.


 –  По повеќемесечни преговори на Министерството за финансии со Банката за развој на Советот на Европа, на 17 ноември беше донесена одлука од страна на Административниот совет на ЦЕБ за одобрување на Програмски заем од 50 милиони евра за Република Северна Македонија кој ќе се реализира преку Развојната банка на РС Македонија.

Ова е дел од она што го правиме како Владата за да ги поддржиме компаниите и во време на криза да ја одржат својата ликвидност, но и да реализираат свои инвестициски проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа и раст на економијата во целост, ја пренесува Министерството за финансии изјавата на министерот Бесими.


Тој додава дека покрај овие средства, се реализираат и активности за реализација на програми со поволни финансиски средства за претпријатијата од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра, како и од Француската развојна банка во износ од 50 милиони евра.

бак/са/Фото: МИА архива  .


Извор: МИА