Breaking News

Бесими: Клучно е да имаме системско решение за плати кое ќе гарантира статус и стандард на вработените во јавниот сектор


– За сите вработени во јавниот сектор ќе се воспостави методологија за плати која ќе биде системско решение и гарантирано право на вработените во јавниот сектор во однос на заштита од инфлација и следење на продуктивноста на економијата, односно  конкурентноста на стопанството, повтори денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.


Нагласи дека интензивно се дискутира за методологијата за плати во јавниот сектор што ќе биде системско решени и тоа што ќе биде  договорено со синдикатите ќе важи за сите.


Додаде дека не може да прејудицира кога и како ќе завршат преговорите. Откако ќе завршат преговорите најави дека ќе треба одреден транзициски период за да се имплементира решението во Буџетот.

-Во фаза сме на преговори во рамките на Економско-социјалниот дијалог што се води во Владата на кој присуствуваат три страни – Владата во конкретниот случај како работодавач, синдикатите  на работниците во јавниот сектор и Организацијата на работодавачи.


Таму се водат преговори.

Принципиелниот  став за кој сме усогласени е дека се работи на потпишување и усогласување на Општ колективен  договор што ќе важи подеднакво за сите вработени во јавниот сектор.


Очекуваме да се усогласиме во однос на ставовите, рече Бесими во одговор на прашање пред почетокот на презентацијата на Извештајот од 5-от круг на евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање на тероризам на Република Северна Македонија усвоен од страна на Мoneyval Комитетот при Советот на Европа.

Порача дека се водат интензивни преговори со сите синдикати од јавниот сектор.


-Клучно е да имаме системско решение кое ќе гарантира статус и стандард на вработените во јавниот сектор, а воедно ќе ја следи и продуктивноста на нашата економија.

Се дискутира дали минималната или просечната плата да биде основа за методологијата и откога ќе се реши тоа е прашање ќе важи за сите во јавниот сектор како што претходно направивме со системското решение за минималната плата и пензиите, рече Бесими.

Посочи дека Министерството за информатичко општество и администрација веќе има предлог-решение за плати во јавниот сектор кое, исто така, треба да биде системско решение.

-И годинава има раст на платите во јавниот сектор, и тоа не само раст на минималната плата, туку линеарно прилагодување на сите што влегоа во Законот за административи службеници и другите кои во меѓувреме имаа регулирано колективни договори усогласени со тој закон, посочи Бесими.

вј/дма/Фото: МИА  .

Извор: МИА