Breaking News

Бауер: Од влезот во НАТО, Северна Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи (ДПЛ)


– Адмиралот Бауер на денешната заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека покрај придонесите што нашата држава ги дава на Алијансата, како што е поддршка за борбените групи во Бугарија, Латвија и Романија и на Косово, трупите на Северна Македонија служат под знамето на НАТО во мировна мисија.


Адмиралот истана дека за три години Северна Македонија постигнала импресивно ниво на воена интеграција во НАТО.


-Вие придонесувате и во силите за одговор на НАТО кои ја гарантираат безбедноста и одбраната на сите сојузници.

Од влезот во НАТО Северна Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи.


За три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО адаптирајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО и ја зголемивте вашата имперабилност, рече Бауер.

Петровска на прес-конференцијата потсети дека Северна Македонија заедно со сојузниците во Вилнус ја реафирмираше определбата за вложување на најмалку 2 проценти од бруто-домашниот производ во одбраната и тоа, како што рече, целосно е реализирано.


 -Северна Македонија е столб на регионалната безбедност.

Ќе продолжиме да придонесуваме со свои сили во мисијата на НАТО на Косово, затоа што сме убедени дека регионалната безбедност и стабилност мора да биде пред се и над се.


Само така можеме да создадеме регион кој е просперитетен и кој ќе продолжи да живее во мир и демократија, рече Петровска.

Таа додаде дека Северна Македонија дава силна поддршка за заедничката цел на НАТО. -Даваме силна поддршка кон заедничката цел.

Тоа го правиме и во нашиот одговор на бруталната руска агресија врз Украина.

Северна Македонија немаше никаква задршка уште од првиот момент оваа агресија да ја нарече токму тоа и што е – брутална агресија која носи самоуништување и болка.

Ја нарековме така, и дадовме помош и воена и хуманитарна затоа што независна и суверена Украина има целосно и морално право и потреба да се одбрани.

Украина се брани себеси, но го брани и меѓународниот правен поредок кој се базира на принципи и правила и затоа ја заслужува сета наша помош и поддршка, изјави министерката.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски рече дека го информирал адмиралот за тековните процеси на вооружените сили, како и за реформите и трансформацијата на нашата Армија, операциите кои ги организиравме во земјата, но и НАТО воените операции.

-Во текот на денот ќе имаме можност подетално да бидеме во координација и комуниакција за претстојните активности кои се очекува да се донесат со крупни сериозни одлуки наредниот викен, веќе на наредниот воен комитет во Норвешка, информира Ѓурчиновски.

свс/бт/Фото: МИА .

Извор: МИА