Breaking News

Барист – професија и уметност, кафе-културата важна за туризмот


Сите сакаме да седнеме на убаво, квалитетно кафе, да го платиме и да го испиеме во добро друштво.


Но, кафето, освен традиција и уживање, може да биде и сериозен сегмент од туристичката индустрија, беше речено на денешната прва конференција за баристи во земјава.


Интересот за професијата барист се зголемува, а Институтот за туризам, едукација и менаџмент (ИТЕМ) веќе размислува и за формирање Асоцијација на баристи.

Како што истакнаа учесниците на конференцијата, време е веќе да се размислува во средните училишта да има практична настава за баристи, а хотелиерите и угостителските објекти да вработуваат луѓе со сертификати и вештини за баристи.


-Македонците се генерално кафеџии и затоа кафе-културата треба сериозно да ја негуваме.

Веќе имаме поединци кои од кафето знаат да направат уметност, но тоа не е доволно, се уште не сме нивото кое го посакуваме од аспект на професијата бариста.


Затоа, треба да се размислува во средните училишта да има и практична настава за ваков кадар, изјави за МИА директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

Според него, добро е што се повеќе почнуваме да размислуваме за кафе-културата. -Многу пати сме имале можност да испиеме убаво декорирано кафе, а и знаеме дека никогаш не може да се направат две исти.


Интересен е податокот дека ако два милиона кафиња се пијат дневно во државава, значи дека годишно пиеме 730 – 800 милиони кафиња. Ова, всушност, е многу голем и сериозен бизнис, истакна Јаневски.

 ИТЕМ преку Еразмус + програмата на ЕУ, со поддршка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, реализираше проект преку кој обучи 15 наши млади луѓе за баристи.

Тие денеска добија и сертификат. Теорија учеа во Турција, а пракса на правење секакви видови кафиња во Словенија. Од проектот произлезе и дигитална платформа, како и Прирачник за баристи.

-Барист е професија, но и уметност.

Подготовката на кафе не значи само вклучување на машината, турање на кафето во шолја и послужување, туку цел еден процес во кој до израз доаѓаат вештините на поединецот, неговите познавања и компетенции, беше нагласено на конференцијата.

Во светски рамки, за барист се учи и формално, во рамки на образовниот систем, но и на неформален начин кој, според познавачите, е можеби поважен.

  -Последниве години оваа професија зема се поголем замав и многу млади луѓе се одлучуваат да бидат професионални баристи. Се повеќе има ентузијасти и вљубеници во бариста вештините.

Бавно, но сигурно кафе-културата почнува да се искачува на повисоко ниво. Се уште не е на она ниво што јас сум го замислил, но одиме во добар правец.

Институциите и државата треба да помогнат во насока на едуцирање кадар преку училиштата за угостителство и туризам, рече Дејан Богоески, професор барист.

Според него, во однос на пиењето кафе, младите повеќе сакаат да експериментираат со вкусови, а повозрасните „се држат“ до она што веќе знаат дека е добро и ретко ризикуваат.

-Младите знаат да нарачаат несекојдневни кафиња како ајс лате, фредо капучино, фредо еспресо, мокачино, марочино.

Има голема лепаза избор ако правиот барист знае да ги подготви, а повозрасните преферираат еспресо и макијато, нагласи Богоески.

Засега во земјава мал е бројот и на кафетерии специјализирани само за кафе. мч/лв/фото:МИА   .

Извор: МИА