Бајден планира жестоко да го критикува Трамп во говорот по повод годишнината од нападот на Капитол


Американскиот претседател Џо Бајден на 6 јануари на третата годишнина од нападот на американскиот Капитол ќе одржи говор во кој ќе нагласи дека неговиот републикански ривал, поранешниот претседател Доналд Трамп е егзистенцијална закана за демократијата, објави кампањата на Бајден.


Бајден говорот ќе го одржи во близина на долината Форџ, Пенсилванија, историското место на битката во Американската револуција, по што на 8 јануари ќе ја посети црквата „Mother Emanuel AME“ во Чарлстон, Јужна Каролина, каде девет лица беа убиени во 2015 година.


Претседателот ќе ја нагласи зголемената закана од политичко насилство.

Двете посети ќе ги претставуваат досега најдиректните напади на Бајден врз Трамп и републиканците, што ќе биде промена во тонот откако поголемиот дел од 2023 година го поминаа фалејќи ги своите закони и состојбата на економијата.


„Изборите следната година нема да бидат само меѓу спротивставени филозофии на владата“, рече менаџерот на кампањата на претседателот, Џули Чавез Родригез, додавајќи дека на тие претседателски избори граѓаните ќе се изјаснат и за заштита на демократијата и основните слободи на секој Американец.

 На 6 јануари 2021 година, илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во Капитол, центарот на американската демократија, во обид да ја спречат потврдата за неговиот изборен пораз.


Четири лица загинаа на денот на нападот, а еден полицаец ден подоцна. Оттогаш четворица полицајци си го одзедоа животот, а во нередите беа повредени 140 лица. рп/Фото: ЕПА .

Извор: МИА