Breaking News

Бајден и Кишида најавија зајакнување на воената соработка меѓу САД и Јапонија


– Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида вчера во Вашингтон најавија зајакнување на воената соработка меѓу двете земји и развој на нов систем за противракетна одбрана.


– Ова е најзначајната надградба на нашиот сојуз откако е формиран, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа по двочасовниот разговор со Кишида на теми како што се тензиите во Индо-пацифичкиот регион и војните во Украина и Појасот Газа.


Кишида рече дека со американскиот претседател разговарал и за тензичните односи меѓу Тајван и Кина и оти изразиле подготвеност да го зачуваат меѓународниот поредок заснован на владеење на правото.

– Едностраните обиди за промена на статус кво со сила или принуда се апсолутно неприфатливи каде и да се случат, рече Кишида.


САД и Јапонија ќе продолжат да одговараат на таквите акции, вклучително и од Кина, додаде јапонскиот лидер.

– Што се однесува до руската агресија врз Украина, денешна Украина утре може да биде Источна Азија, предупреди Кишида.


Најавите за зајакнување на сојузот меѓу двата непријатели од Втората светска војна ја претставуваат најтесната соработка меѓу Токио и Вашингтон откако тие станаа сојузници пред неколку децении.

Бајден најави дека двете армии ќе соработуваат преку заедничка командна структура и заедно со Австралија ќе развијат нова ракетна одбранбена мрежа.


Двајцата лидери најавија и дека јапонски астронаути ќе учествуваат во мисиите на НАСА на Месечината.

Кишида денеска ќе се обрати пред американскиот Конгрес и ќе им се придружи на Бајден и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор на средбата што се очекува да биде фокусирана на кинеските претензии во Јужното Кинеско Море.

По повод средбата, САД и Јапонија финализираа околу 70 договори за одбранбена соработка, вклучително и надградба на американската воена команда во Јапонија.

Состанокот доаѓа во време кога Кина го засилува притисокот врз Филипините во Јужното Кинеско Море поради областите кои Пекинг ги смета како свои, а кои според меѓународното право им припаѓаат на Филипините.

јт/Фото: Х .

Извор: МИА