Breaking News

Бадран: Нашиот напад врз Израел штотуку почна


Хусам Бадран, член на политичкото биро на Хамас, изјави вечерва дека нападот на неговата милитантна група е се уште во рана фаза, пренесе „Тајмс оф Израел“.


Бадран соопшти дека нападот, што Хамас го нарече „Бурата Ал Акса“, уследил по внимателната подготовка што имала за цел да се изненади Израел.


Функционерот на Хамас посочи дека оваа битка се разликува од сите претходни рунди на конфликтот и затоа ги повика арапските посредници да му пренесат на Израел дека мора да ги напушти окупираните палестински територии.

Бадран додаде дека Хамас не очекува тие да бидат посредници, туку да ја поддржат нивната позиција.


Според израелскиот весник, како и бројните лидери на Хамас кои денеска дадоа изјави, Бадран тврди дека нападот бил мотивиран од израелската контрола над џамијата Ал Акса во Ерусалим.

Тој, исто така, за нападот ја обвини израелската политика на Западниот Брег и третманот на палестинските затвореници, додавајќи дека Палестинците „ја поседуваат оваа земја и оваа окупација нема да трае вечно“.


сд/фото:МИА архива .

Извор: МИА