Breaking News

Азербејџан: Ерменија достави осум нови мапи на мински полиња во Карабах


Азербејџанската Национална агенција за мини (АНАМА) денеска соопшти дека Ерменија доставила осум нови мапи на мински полиња во регионот Карабах, кој беше ослободен по 44-дневен конфликт меѓу двете страни во 2020 година.


АНАМА за азербејџанската државна новинска агенција Азертак соопшти дека мапите што биле доставени главно се состоеле од белешки за минирани области околу планинскиот венец Муровдаг во областа Калбајар.


Во соопштението се додава дека информациите во овие мапи се „неточни, неверодостојни и нецелосни“.

„По извршената анализа и обработка на обрасците, утврдено е дека податоците не се преклопуваат со реалните мински полиња, а координатите на референтните точки се неточни и бескорисни“, се вели во соопштението.


Односите меѓу поранешните советски републики Азербејџан и Ерменија се затегнати од 1991 година, кога ерменската армија го окупираше Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан, и седум соседни региони.

Баку ослободи неколку градови, села и населби од ерменските сили за време на 44 дена борби во есента 2020 година, кои завршија по прекинот на огнот со посредство на Москва.


Во септември минатата година, азербејџанската армија започна антитерористичка операција во Карабах за да го врати уставниот поредок, по што илегалните сепаратистички сили во регионот се предадоа.

Повеќе од 340 граѓани на Азербејџан се убиени или повредени во експлозии на нагазни мини од Втората војна на Карабах. паг/Фото: МИА архива .


Извор: МИА